„Орка спорт“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ кои се дел од компанијата „ Орка Холдинг“, како официјални спонзори на Македонската ракометна федерација , го честитааат постигнатиот успех на Македонската ракометна репрезентација на 10-то Европско првенство во ракомет за мажи 2012 година.
Горди сме што бевме дел од репрезентацијата која деновиве ги освои срцата на поддржувачите на овој екипен спорт, презентирајќи одлична игра со европските ракометни велесили. Ова тројно достигнување на нашите репрезентативци : високото петто место, избореното учество во квалификациите за Олимписките игри во Лондон и новиот рекорд на Кирил Лазаров, докажува дека нашата екипа има капацитет за нови поголеми идни успеси.
За Орка Спорт и „Аџибадем Систина“ и генерално за Орка Холдинг, како компанија која се залага за издигнување на овој национален спорт, историскиот успех на Македонската ракометна репрезентација претставува дополнителен мотив и предизвик за континуирана соработка и поддршка на ракометарите на престојните квалификации и секако, за учеството на Олимпијадата во Лондон. Истовремено, за нас претставува чест и задоволство што за време на првенството бевме дел од една победничка екипа, екипа која беше рамо до рамо со сите европски репрезентации, екипа која го даде срцето на теренот и достојно ги бранеше боите на националниот дрес.
Искрено се надеваме дека нашата идна соработка, нашата помош и поддршка како од спортски така и од медицински аспект, ќе биде основа за нови позитивни резултати кои ќе го зголемат чувството на национална гордост. Ваква успешна репрезентација заслужува покрај себе да има вистински професионалци кои имаат капацитет да се грижат за здравјето на спортистите и да им ја обзбедат потребната спортска опрема. Среќни сме што продолжуваме заедно да ја испишуваме историјата на овој национален спорт, со голема надеж за нови спортски успеси.
















