Почитувани пријатели,
Првиот, најприроден услов за човековиот напредок е здравјето. Во него е убавината, силата и духовноста на секој поединец, а со тоа и на целокупната заедница во која секојдневно функционираме.
Здравото поколение е основата за здрава и сигурна иднина. Уште од самиот почеток, една деценија наназад, наша цел беше да се грижиме за репродуктивното здравје на жената и да создадеме здрава иднина на нашата држава. Плод на нашата амбиција беше отворањето на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица –Систина“. На 14 февруари 2001 година почна да се гради еден нов, значаен сегмент што дотогаш недостасуваше во здравствениот систем на Р Македонија. За тие десет години заедно растевме и се надградувавме со цел да го зголемиме задоволството на нашите пациенти. Секоја следна година носеше нови успеси, со секој нов чекор бевме поблизу до целта. Од година во година растеше и довербата. За време на тие десет години на свет дојдоа 6141 бебиња... Успехот беше очекуван и на Одделот за асистирана репродукција. За една декада се направија 5199 пункции со 4111 ембрио трансфери од кои 1573 дијагностицирани биохемиски бремености. Со ин витро беа родени вкупно 1325 новороденчиња.
Но, секојдневно кај нас се јавуваше потребата за проширување на капацитетите. Бевме свесни дека на нашите граѓани им е потребна целосна посветеност и грижа. Нашите амбиции беа да создадеме установа која ќе овозможи третман на различни групи на население. Сакавме светските стандарди во лекување и медицинска грижа да ги донесеме и имплементираме во Македонија. Гледајќи од оваа дистанца, ние успеавме во тоа.
Отворањето на Клиничката болница „Систина“ во 2010 година беше своевидно продолжување на успешната приказна на веќе докажаниот медицински бренд „Мала Богородица – Систина“.
На 15 000 квадратни метри, новиот ултрамодерен објект на Клиничката болница „Систина“ покрај гинекологија, акушерство и асистирана репродукција, понуди услуги и во делот на кардиохиругија, кардиологија, хирургија, интерна медицина, педијатрија, дијагностичка и интервентна радиологија, нуклеарна медицина ... Првата приватна клиничка болница „Систина“ располага со 6 дијагностички лаборатории каде годишно се изработуваат преку 400 илјади анализи. Сите оддели се опремени со високо софистицирана медицинска опрема која е последен збор на медицината.
За многу краток период направивме огромен успех. Успехот се мери во големиот број задоволни пациенти кои одлучија да го препуштат сопственото здравје во наши раце. Доказ за нашата работа во изминатиов период е и сè поголемиот број пациенти од земјите во регионот. Дневно низ нашите болнички ходници поминуваат повеќе од 500 пациенти,а за една година двојно се зголеми бројот на регистрирани пациенти, кој сега изнесува повеќе од 111 000 илјади.
На 10 ноември 2010 година Клиничката болница „Систина“ забележа уште еден успех. Со потпишувањето договор за афилијација со групацијата на турски болници Аџибадем Клиничката болница „Систина“ создаде можност за размена на знаења и искуства со медицинскиот тим на турскиот здравствен гигант. Успешните резултати од оваа соработка резултираа со нов вид партнерство во кое Аџибадем стана акционер во „Систина“ во октомври 2011.
Но, нашите амбиции се насочени кон континуирано надградување, развивање и усовршување...
Во рок од една година очекуваме „Систина“ да биде акредитирана од Џоинт комисион интернешнл (Joint Comission International), водечката светска институција за акредитирање на болници според највисоки стандарди.
Во текот на следната година ќе го зголемиме капацитетот со нови 9. 000 квадратни метри простор. Со новите капацитети наменети за педијатриска болница ќе посветиме целосна грижа за најмладите пациенти. Со инсталирање на најсовремена хипербарна комора успешно ќе бидат третирани и аутистичните деца. Ќе го зголемиме капацитетот и на Одделите на хирургија и кардиохирургија, а дијагностичките капацитети во лабораториите и во амбулантите ќе ги зголемиме со нови дејности кои досега не постоеле.
Новиот ургентен центар во склопот на „Систина“ ќе биде по сите светски здравствени норми и покриен со возила за транспорт на сите типови пациенти, како и со медицински авион за префрлање пациенти со специфични состојби во некоја од болниците на групацијата Аџибадем. Со тоа на пациентите од Македонија ќе им овозможиме пристап до сите најсофистицирани медицински услуги достапни во светот.
Луѓето сакаат да живеат во заедница која го обезбедува и го унапредува нивното здравје. Земјите кои имаат воспоставено стабилен здравствен систем имаат поздраво население, а со тоа и поздрава иднина.
Сега, кога „Систина“ брои повеќе од 10 години постоење, со гордост можеме да истакнеме дека сосема заслужено го добива епитетот „бренд во македонското здравство“ .
Ваша Клиничка болница „Систина“
За животот се работи !


