• Македонски (Macedonian)
  • Turkish (Turkiye)
  • Albanian-AL
  • English (United Kingdom)
.. .. .. .. .. .. .. .. .. ..

Анестезиолошки преглед

АНЕСТЕЗИОЛОШКИ ПРЕГЛЕД - ПРЕДУСЛОВ ЗА БЕЗБЕДНА АНЕСТЕЗИЈА

Пред да добие било каков вид на анестезија пациентот мора да биде прегледан од страна на лекар специјалист анестезиолог кој ќе се запознае со неговата физичка и психичка состојба. Покрај деталниот преглед ова подразбира и запознавање на анестезиологот со сите испитувања и резултати кои дотогаш се направени. Ова помага да се донесе одлука дали давањето на одреден вид на анестезија е контраиндициран или е можен после соодветна подготовка чија цел е да го доведе пациентот во оптимална состојба за изведување на хируршката интервенција и примањето на анестезијата. Претходниот контакт на анестезиологот со пациентот е битен за да се намали стравот и напнатоста од интервенцијата и да помеѓу нив се воспостави однос на взаемно почитување и доверба

Анестезиологот прегледот треба да го изведува на мирно место, без брзање и со голема стрпливост. Пациентот е должен сите барани податоци да ги даде точно и вистинито бидејќи тоа е во негов интерес за одбегнување на одредени компликации во тек на анестезиолошките постапки. Многу се битни податоците за евентуалните претходни хируршки интервенции и нивните последици - вадење на некој парен орган и сл. Пациентот треба да се праша за видот на претходно примените анестезии, дали имало некакви проблеми за кои он знае, како ја поднел анестезијата и дали повторно би сакал да прими иста таква анестезија. Доколку знае каков вид на проблеми имало пациентот треба детално да ги опише - срцеви, проблеми со притисокот, постоперативно гадење и повраќање, болки во грло, тромбофлебити и сл. Податокот за евентуални проблеми при анестезија кај член на потесна фамилија исто така треба да биде достапен.

Значаен е податокот за евентуална алергија на некои лекови кои би можеле да бидат користени во предоперативната подготовка, анестезијата или во постоперативниот тек. Доколку ја има треба да се знае кога се појавила, со какви клинички манифестации и дали е медицински докажана. Податокот за алергија се внесува со големи букви во сите документи напациентот - болничката историја, анестезиолошката и температурната листа и сл. Во случај на сериозни алергиски манифестации пациентот се упатува на претходно тестирање за преосетливост на анестетиците кои се планира да се користат во соодветна установа. Пациентот мора да биде прашан и за други видови на алергија затоа што алергија на одредени видови на храна (школки, морски плодови, жолчка, соино масло и сл.) може да биде значајна за анестезиологот.

Лекарот мора да биде запознаен со постоењето на евентуална шеќерна болест, незиното времетраење и третман како и со податокот за прележан хепатит.

Податокот за евентуално продолжено крварење при случајни повреди или вадење на заби е значаен за идната анестезија. Сите жени во репродуктивен период мора да бидат прашани за датумот на последната менструација и можноста да се бремени во моментот.

Пушењето - должината на пушачкиот стаж и бројот на дневно испушените цигари е податок од интерес за анестезиологот. Пушачите се склони на постоперативни плуќни компликации неколку пати повеќе од непушачите па се препорачува престанок на пушењето од минимум четири недели пред планираната анестезија.

Пациентот е должен искрено да каже за евентуалното користење или злоупотреба на дрога, алкохол и лекови. Сите овие супстанции може да предизвикаат сериозни проблеми во тек на анестезијата доколку анестезиологот не е знае за нивно претходно користење.

При хронично земање на одредени лекови анестезиологот е тој кој решава за тоа дали и кога таа терапија ќе се прекине. Многу од лековите можат да предизвикаат несакани дејства доколку се користат во исто врене со поедини анестетици.

Во некои болници се користат претходно спремени прашалници кои им се даваат на пациентите да ги пополнат за да може одговорите да бидат што покомплетни и попрецизни.

По земањето на анамнестичките податоци анестезиологот треба да направи целосен физикален преглед. Физикалниот преглед може да го поделиме на два дела: стандарден и специфичен за откривање на можни стриктно анестезиолошки проблеми.

Стандардниот прегледподразбира аускултација на плуќа, аускултација на срце, контрола на притисок и неуролошки преглед.

Покрај тоа анестезиологот прави детална инспекција и преглед на главата и вратот за да открие извесни аномалии кои можат да доведат до тешка интубација (пласирање пластично црево - тубус во дишните патишта). Мора да се провери проодноста на носните канали, постоење на тумори или деформитети на вратот и вилиците и нивната подвижност. Посебно е важна проверката на забалото за да се утврди постоење на оштетени или климави заби, протези и сл. Доколку се планира регионална анестезија мора да се прегледа местото каде се планира пункцијата (кичмен столб, екстремитети) за да се откријат евентуални деформитети или инфекции.

Лабараториските анализи треба да се селективни, зависно од состојбата и болеста на пациентот како и големината на планираната хируршка интервенција. Стандардно се одредуваат вредностите на хемоглобинот, хематокритот, шеќерот, уреа и креатинин во крв, количество на протеини како и лабараториски преглед на урина. По потреба и по оцена на анестезиологот се назначува кои дополнителни анализи треба да се направат. Сите пациенти со анамнеза за срцеви тегоби или заболувања како и оние во поодмината возраст треба да имаат направено ЕКГ пред операцијата. Рентген снимка на плуќа се прави онаму каде е клинички индицирано - кај тешки пушачи, постари пациенти, малигни заболувања и пред сите големи планирани операции.

Во текот на анестезиолошкиот преглед треба да се процени и психичката состојба на пациентот. Тој мора да биде запознаен со болеста, свесен за потребата од операцијата и психички спремен за неа. Анестезиологот треба да продискутира со него за изборот на анестезијата и да му ги објасни сите постапки кои го очекуваат (пунктирање на вена, мерење на крвен притисок, поставување на ЕКГ електроди, спинална пункција и сл.). Сето ова треба да го отстрани стравот на пациентот од непознатото што го очекува, да го охрабри и да му влее доверба кон оној во чии раце се предава.