
Одделот за асистирана репродукција „Мала Богородица“ постои од самото отворање на болницата. Во почетокот мало одделение со само еден доктор, еден ембриолог и една сестра, со стотина циклуси асистирани репродуктивни технологии (АРТ) годишно, брзо се шири, како кадровски, така и со проширување и модернизација на апаратурата. Денеска, тоа е Оддел кој може да покрие 2.500 циклуси АРТ годишно, со 25 вработени меѓу кои 5 доктори, 5 ембриолози и тројца биолози-андролози од кои повеќето се едуцирани и доедуцирани во еминентни центри во Белгија, Чешка, Словенија, Бугарија и Турција. Ембриолошката лабораторија располага со два ламинарни стола на кои можат да работат четири ембриолози истовремено, два микроманипулатора, четири стерео и инверзни микроскопи, три инкубатора, опрема за криопрезервација на ембриони, сперматозоиди и ткиво од тестис, услови за банка на сперма, ембриони и јајни клетки и се што е потребно за непречено изведување на модерните АРТ. Иглите за асистирана репродукција, медиумите за сперматозоидите, јајните клетки и ембрионите како и катетерите за ембриотрансфер секогаш се од најреномираниот и најиновативниот светски производител COOK. Гинеколошкиот дел се состои од операциона сала за аспирација на фоликулите со ултразвук; сала за ембриотрансфер со ултразвук; просторија за инсеминација со ултразвук; три модерно опремени амбуланти; четири засебни бокса за дневна болница на пациентките и четири модерни еднокреветни болнички соби со купатила за приватните пациентки и нивните семејства кои можат да ги користат, со доплата, и пациентките на кои ФЗО им ја плаќа услугата.
АРТ процедурите и работењето на АРТ лабораторијата во СИСТИНА е во согласност со Законот за БПО на Република Македонија како и подзаконските акти и правилниците кои ја регулираат легислативата во оваа сфера. Од 2008г има склучено договор со Фондот за здравствено осигурување за комплетно покривање на трошоците на третманот и процедурата согласно правилникот на ФЗО. Стручњаците на Одделот помогнаа со своето искуство со учество во донесувањето на Законот за БПО, Националниот регистар за БПО, Комисијата за БПО при Министерството за здравство и правилникот на ФЗО. Воедно, сите гинеколози и ембриолози се членови на Европската асоцијација за хумана репродукција и ендокринологија (ESHRE), двајца гинеколози се членови на Американското друштво за хумана рапродукција (ASRM), еден гинеколог е претставник од Република Македонија во Конзорциумот на ESHRE за АРТ мониторинг, а еден ембриолог има ESHRE Сертификат за клиничка ембриологија (воведен 2008г) како единствена лиценца за отворање на ИВФ лабораторија во Европската унија.
Во моментот во Одделот се изведуваат следните АРТ процедури: интраутерина инсеминација со обработена сперма од сопруг или донатор; вонтеселсно оплодување (ИВФ, ИЦСИ, ТЕСЕ, ТЕСА); криопрезервација (замрзнување) на ембриони, сперма и ткиво од тестис; донација на сперматозоиди (засега од најголемата банка на сперма CRIOS од Данска); донација на ембриони.
За 2011 година се планира да се воведе: ИМСИ (подобрена селекција на сперматозоиди кај најтешките случаи на машки стерилитет); ПГД (генетско испитување на ембрионот пред да се трансферира во матката) и криопрезервација на јајни клетки. Планирана е и соработка со уште две банки на сперма (од Шпанија и Германија) и отворање на сопствена банка на сперма.